За нас
Нашето семејство брои пет члена – ние сме обично, но истовремено и посебно семејство, поврзано со природата, пчелите и заедничката љубов кон тоа што го работиме. Нашиот пат започна пред повеќе од 10 години, кога ја откривме магијата на пчеларството. Она што започна како љубопитство и хоби, брзо прерасна во начин на живот кој ја обедини целата фамилија.
Со текот на годините, пчеларството стана наш семеен бизнис, но и многу повеќе од тоа – тоа стана нашата сила и наша врска со природата. Покрај тоа што се грижиме за секој детал и производ што излегува од нашиот дом, во нашето семејство имаме и сертифициран апитерапевт и фитотерапевт, со што дополнително ја шири нашата мисија – да нудиме не само здрави производи, туку и природна поддршка за здравјето на луѓето.
Секој од нас има своја улога, своја љубов и посветеност – но она што не обединува е заедничката визија: да создадеме нешто вистинско, природно и искрено. Веруваме дека тоа се чувствува во секој производ што го споделуваме со вас – било да е мед, тинктура или здив во нашата апи комора.
„Пчеларството не е само работа, туку начин на живот“ – „Со пчеларство започнав пред повеќе од 10 години – од љубопитност, но и од љубов кон природата. Денес, тоа е повеќе од задоволство, тоа е дел од нашето семејство, наша пасија и наша мисија. Пчелите нè научија на трпение, посветеност и почит кон сè. Пчеларството ти ги отвора очите – те учи да го следиш ритамот на природата, да работиш со срце, но и со ум. Секоја сезона носи нови предизвици, но и нова благодарност. Кога ќе видиш како пчелите го собираат нектарот, како градат совршена хармонија во кошницата, не можеш да останеш рамнодушен – тоа е чудо на природата кое секојдневно се случува пред нашите очи. Голема е радоста кога нашите производи – медот, прополисот, тинктурите – ќе им помогнат на луѓето да го подобрат здравјето. А кога ја воведовме и апи-комората, сфативме колку природата навистина лекува. Тоа е нашата најголема мотивација – да создаваме нешто здраво, чисто и вистинско.”

„Секое тегличе мед е направено со љубов и внимание“ – „Пчеларството за мене не е само работа во полето или во кошниците – тоа е грижа, ред и љубов. Од првиот ден кога започнавме како семејство, мојата улога беше да внесам ред во хаосот, да се грижам за чистотата, за пакувањето, за секоја тегличка што ќе излезе од нашиот дом. Секој производ што го нудиме го поминува мојот поглед и моите раце – и затоа со сигурност велам: сè што нудиме е 100% природно, но и направено со душа. Со текот на времето, мојата љубов кон природата и лековитите својства на пчелните производи ме поттикна да се дообразувам и денес сум сертифициран апитерапевт и фитотерапевт. Тоа знаење ми овозможи да им помогнам на луѓето на подлабоко ниво – преку природна поддршка на здравјето со пчелни производи, растителни тинктури и терапија во нашата апи комора. Пчелите не се само лекари во природа – тие се наши сојузници, и јас со радост ја пренесувам нивната моќ на секој што ќе дојде со доверба. Посебно ми е драго што денес, покрај медот и останатите пчелни производи, нудиме и терапевтски пристап – преку апи комората и природните тинктури. Ги гледам луѓето како доаѓаат уморни, со проблеми – а си заминуваат смирени, со насмевка. Таа прекрасна гледка ни дава поттик да продолжиме по патот по кој се движиме.”
